Tuesday, December 18, 2012

ЈСП Поетики #1

„Партизанска“ на магловит ден во декември. Скопје се капе во магла и сивило кое се разградува од новогодошните светилки.
Го чекам "the Knight Bus". Се сеќавате на "the Knight Bus"? Еве го за секој случај...


10... 9... 8... 7...6...5...4...3...2...1...

Трескавичното искуство на пистата по Партизанска може да почне. Вторник е. Маглоси, шушумиги, волшебници поретко ама ги има, заедно со по некоја рахитична статуа којашто решила да го искористи бесплатниот превоз, и да види и некоја друга населба освен Центар.

Станица бр. 1.
Влегува г. Дрпник. Тој е веќе подостарен. Никакви напивки не му помагаат во овие зимски денови. Се уште е во жалост за неговата мачка, госпоѓа Нора. Кутрата загина во еден немил инцидент пред многу години. Намрштен, со брчки, бутка кој ќе стигне при влезот во автобусот.
Вторник е, па може да се вози бесплатно. Ќе ја искорсти таа прилига да отиде да нарани неколку мачки во Кисела Вода, стари другарки на Нора.

Станица бр 2.
Влегуваат 10тина бабички од Скопје Север. Тие се мистериозни. Се верува дека практикуваат магија во подрумот  на спомен-куќата на Мајка Тереза. Влезот засега е непознат. Црна магија - да си немате работа со тоа!

Станица бр. 3
Влегува само едно куче.

The Knight Bus лета по „Партизанска“. Новогодишните декорации се веќе поставени и изгледаат заводливо кога е ноќе. Врне дожд. Шоферот кочи ненадејно; губам рамнотежа и се плеснувам со носот во матното и гнасно стакло. Поминуваат уште станици. Две мачки чекаат на една станица. Дрпник е фрапиран, и се бутка низ гужвата да излезе порано.

Порој. Влегуваат уште десетина постари лица, со брчки од бремето што го носат на своите плеќи. Се чувствувам ко парче стуткана хартија бутната во некој агол.

Станица #последна.
Тепачка да се излезе. Вторник е. Прекрасен ден.


No comments:

Post a Comment